Утрешни сеќавања
Седи во собата што ја избрале за неа уште пред да се роди. Наведната над книгата, го придржува лицето со дланките. Се досадува, масата е ниска и нема простор да млати со нозете, ниту да се залула на столицата. Книгата ѝ се гади под прстите, хартијата е рапава и жолта, речениците се мртви, а црно-белите слики на одвратните војсководци предизвикуваат мачнина во неа. Се замислува себеси на утрешниот час како пркосно одбива да ја пишува задачата, како ја истресува содржината од училишната торба во корпата за ѓубре и заминува.
– Каде мислиш дека одиш? – Да живеам!