Пророчки циклус [циркус]
Секој шести ден пијам по едно кафе со Пророчицата. Таа редовно се каснува за јазикот и не ги изговара визиите што не сум подготвена да ги чујам. Денес ми побара дозвола, можеби зашто пиевме ирско кафе. – Смеам да кажам? – прашува. Смееш! – се радувам од длабочината на љубопитноста. – Ќе имаш повеќе среќа со следниот – вели. Истовремено осеќам олеснување и тага. Како кога ќе те известат за датумот на смртта на пациент болен со децении: жал ти е што заминува, а воедно знаеш дека веќе одамна не е тука. – Можеше порано да ми кажеш, да не се јадосувам! – ѝ велам. – Ти требаше да се јадосуваш! – одговара. – Уште колку ни преостанува? Не рече ништо. Се враќам дома во празниот стан во кој четворица живееме во три соби. Спијам на неговaта половина на креветот. Наскоро обете ќе бидат негови.